Деловник на Судот
Правило 471 – Содржина на индивидуална жалба
1. Секоја жалба што се поднесува врз основа на членот 34 од Конвенцијата треба да биде доставена на образецот за поднесување жалба изготвен од страна на Секретаријатот на Судот, освен доколку Судот не одлучи поинаку. Жалбата треба да ги содржи сите податоци што се бараат во соодветните делови на образецот и треба да содржи:
(a) име, дата на раѓање, државјанство и адреса на жалителот, и, доколку жалителот е правно лице, целосен назив, дата на основање или регистрација, официјален регистрациски број (доколку има таков) и службена адреса на правното лице;
(б) име, адреса, број на телефон, број на факс и електронска пошта на застапникот, доколку жалителот има застапник;
(в) доколку жалителот има застапник, делот наменет за овластување за застапување на образецот за поднесување жалба треба да ги содржи датата на потпишување на овластувањето и оригиналниот потпис на жалителот; оригиналниот потпис на застапникот со кој тој ја потврдува својата согласност да настапува во име на жалителот исто така мора да фигурира во делот наменет за овластување на образецот за поднесување жалба; Судот може да прифати копија на потписите или други полномошна важечки во домашното законодавство на договорните страни, ако е дадено уверливо објаснување за тоа зошто не биле испочитувани овие барања и доколку полномошното изготвено од Судот, со оригиналните потписи, биде доставено до Судот во разумен рок;
(г) име на Договорната Страна/Договорните страни против која/кои се поднесува жалбата;
(д) концизна и читлива изјава за фактичката состојба на предметот;
(ѓ) концизна и читлива изјава за наводните повреди на Конвенцијата и релевантни аргументи; и
(е) концизна и читлива изјава во која жалителот потврдува дека ги испочитувал критериумите за допуштеност утврдени со член 35 § 1 од Конвенцијата.
2.
(a) Сите информации на кои се однесуваат алинеите (д) до (е) од став 1, а коишто ќе бидат наведени во соодветниот дел на образецот, треба да му бидат доволни на Судот за да ги утврди суштината и предметот на жалбата без да има потреба да консултира каков и да е друг документ.
(б) Сепак, жалителот може да ги дополни овие информации така што кон образецот за поднесување жалба ќе приложи повеќе детали за фактите, наводните повреди на Конвенцијата и релевантни аргументи. Овие прилози не треба да надминуваат 20 страници.
3.1. Образецот за поднесување жалба треба да биде потпишан од жалителот или неговиот застапник и кон него треба да бидат приложени:
(a) копии од документи што се однесуваат на одлуките или мерките – предмет на жалбата (судски или други одлуки).
(б) копии од документи и одлуки од кои може да се утврди дека жалителот постапил согласно правилото во однос на искористување на домашните правни средства и рокот утврден со член 35 § 1 од Конвенцијата;
(в) доколку тоа е релевантно за конкретната ситуација, копии од документите за која и да е друга постапка за меѓународна истрага или спогодување;
(г) кога жалителот е правно лице како што е наведено во Правилото 47 § 1 (а), документ или документи од кои може да се утврди дека поединецот што ја поднел жалбата до Судот е надлежен или овластен да го застапува жалителот.
3.2. Документите што се доставуваат во прилог на жалбата мора да бидат хронолошки подредени, нумерирани со последователни броеви и јасно означени.
4. Жалителите кои не сакаат нивниот идентитет да биде достапен за јавноста, мора јасно да го посочат тоа и да ги наведат причините кои го оправдуваат барањето да се направи исклучок од стандардното правило за пристап на јавноста до информациите во постапките пред Судот. Судот може да го прифати барањето за анонимност или да одобри анонимност на сопствена иницијатива.
5.1. Доколку не се испочитувани условите утврдени во ставовите 1 до 3 од ова Правило, жалбата нема да биде разгледана од Судот, освен доколку:
(а) жалителот доставил соодветно објаснување за тоа зошто не го испочитувал ова правило;
(б) жалбата се однесува на барање за времена мерка;
(в) Судот одлучи поинаку, на сопствена иницијатива или по барање на жалителот.
5.2. Во секој случај, Судот може да побара од жалителот во одреден временски рок да достави информации или документи во каква и да е форма или на кој и да е начин што може да се смета за соодветен.
6.
(a) Во смисла на член 35 § 1 од Конвенцијата, како дата на поднесување на жалбата ќе се смета датата на која бил испратен до Судот образец за поднесување жалба што ги исполнува сите критериуми утврдени со ова Правило. За дата на испраќање на жалбата ќе се смета датата на поштенскиот печат.
(б) Судот може сепак да одлучи, доколку е тоа оправдано, друга дата да се смета како дата на поднесување на жалбата.
7. Жалителите треба да го информираат Судот за секоја промена на нивната адреса или на околностите што се важни за нивната жалба.
__________1 Согласно измените усвоени од страна на Судот на 17 јуни и 8 јули 2002, 11 декември 2007, 22 септември 2008, 6 мај 2013, 1 јуни и 5 октомври 2015 година и 18 јануари 2024 година.