Упатство за пополнување на образецот за поднесување жалба

MAC – 2022/1

I. Што треба да знаете пред да го пополните образецот?
Какви жалбени наводи може да разгледува Судот?

Европскиот суд за човекови права е меѓународен суд којшто може да разгледува единствено жалбени наводи од физички лица, организации и трговски друштва кои тврдат дека биле повредени нивните права загарантирани со Европската конвенција за човекови права. Европската конвенција за човекови права претставува меѓународен договор, со кој голем број европски држави се обврзале да го гарантираат почитувањето на одредени основни права. Загарантираните права се утврдени во Конвенцијата, како и во протоколите бр. 1, 4, 6, 7, 12 и 13, што ги прифатиле само некои држави – потписнички на Конвенцијата. Во Ваш интерес е да ги прочитате овие документи коишто се приложени кон ова упатство.

Судот не може да разгледува жалбени наводи од секаков вид. Неговите надлежности се дефинирани со критериумите за допуштеност утврдени во Конвенцијата со кои се определува кој може да се жали до Судот, кога може да го стори тоа, и во врска со што може да се жали. Повеќе од 90% од жалбите што ги разгледува Судот се прогласени за недопуштени. Оттука произлегува дека треба да проверите дали Вашите жалбени наводи ги исполнуваат критериумите за допуштеност што се наведени во продолжение.

Судот може да го разгледа Вашиот предмет единствено:

  • ако жалбените наводи се однесуваат на повреда на едно или повеќе од правата утврдени со Конвенцијата и Протоколите;
  • ако жалбените наводи се насочени против држава што ги ратификувала Конвенцијата или Протоколот во однос на кој се жалите (сите држави не ги имаат ратификувано сите Протоколи. Затоа проверете ја листата на ратификации на интернет страницата на Судот (www.echr.coe.int/applicants));
  • ако жалбените наводи се однесуваат на предмети коишто вклучуваат надлежност на органите на државна власт (законодавно тело, управен орган, суд, итн.); Судот не може да постапува по жалбени наводи насочени против поединци или приватни организации;
  • ако жалбените наводи се однесуваат на прашања или настани што се случиле по датумот на кој државата ги ратификувала Конвенцијата или Протоколот на кој се однесуваат тие жалбени наводи (листа со датумите на кои секоја држава ги ратификувала Конвенцијата и Протоколите е достапна на интернет страницата на Судот (www.echr.coe.int/applicants));
  • ако Вие лично и непосредно сте засегнати со повредата на некое од основните права (Вие имате „статус на жртва“);
  • ако сте му дале можност на домашниот правен систем да ја исправи повредата на Вашите права („правило за исцрпување на домашните правни средства“). Тоа обично значи дека пред да поднесете жалба до Судот мора да сте ги покренале истите жалбени наводи пред домашните судови, вклучувајќи го највисокиот надлежен суд. Ова правило исто така подразбира дека сте ги почитувале правилата на постапката на домашно ниво, како и пропишаните рокови. Сепак, не мора да користите неефикасни домашни правни средства или да барате посебни дискрециони или вонредни мерки вон вообичаената жалбена постапка;
  • ако Вашата целосна жалба до Судот сте ја поднеле во рок од четири месеци од конечната одлука во домашната постапка. Овој рок од четири месеци обично почнува да тече од денот кога највисокиот надлежен суд или орган ја донел одлуката, или од денот кога Вам или на Вашиот адвокат Ви била доставена таа одлука. Доколку не постои ефикасно правно средство во однос на одреден жалбен навод, рокот од четири месеци почнува да тече од денот кога се случиле дејството, настанот или одлуката на кои се жалите. Рокот од четири месеци престанува да тече кога ќе испратите до Судот целосна жалба согласно правилата утврдени со правилото 47 од Деловникот на Судот (видете го текстот на ова правило во Пакетот документи за поднесување жалба). Тој период завршува на последниот ден од четирите месеци дури и тогаш кога тој ден е недела или државен празник. Накратко, образецот за поднесување жалба заедно со сите потребни податоци и документи мора да бидат испратени до Судот на последниот ден од тој четиримесечен период или порано, затоа водете сметка за тоа навреме да ги испратите овие документи по пошта;
  • ако Вашите жалбени наводи се засноваат на цврсти докази; мора да ги поткрепите Вашите наводи така што јасно ќе го изнесете Вашиот случај и ќе го поткрепите со документи, одлуки, медицински извештаи, изјави на сведоци и други документи;
  • ако може да докажете дека она на што се жалите неоправдано засегнало во некое од Вашите основни права. Не може само да се жалите на тоа дека судската одлука е нефер или погрешна. Судот не е инстанционо надреден суд во однос на домашните судови и не може да ги поништува или менува нивните одлуки;
  • ако Вашите жалбени наводи не биле веќе разгледани од Судот или од некое друго меѓународно тело.

Треба да знаете и дека Судот секоја година добива десетици илјади жалби. Тој не располага со ресурси да разгледува тривијални и повторувачки жалби кои немаат суштина и кои не претставуваат предмети што треба да ги разгледува меѓународен орган надлежен за надзор. Таквите жалби може да бидат отфрлени зашто претставуваат злоупотреба на правото на жалба, а тоа може да се случи и доколку жалителите користат навредлив и несоодветен речник.

Судот може да отфрли предмет и тогаш кога смета дека жалителот не претрпел значителна штета и кога предметот не покренува ново прашање од областа на човековите права што би требало да се разгледува на меѓународно ниво.

За дополнителни информации во однос на овие критериуми може да се посоветувате со адвокат или да ја посетите интернет страницата на Судот на која може да најдете информации за критериумите за допуштеност и одговори на најчесто поставуваните прашања.

II. Како да го пополните образецот?

Правилата за полноважен образец за поднесување жалба се утврдени во Правилото 47 од Деловникот на Судот (составен дел од овој Пакет за поднесување жалба). Дополнителни информации се дадени во Практичните упатства за поведување постапка кои претставуваат прилог кон Деловникот на Судот и може да се најдат на интернет страницата на Судот http://www.echr.coe.int/applicants. Во продолжение ќе најдете практични упатства и насоки: Ви препорачуваме истите да ги прочитате пред да го пополните образецот доколку сакате да избегнете грешки што би довеле до тоа Вашата жалба да биде отфрлена како нецелосна.

  • ЧИТЛИВО. По можност пополнете го образецот на машина за пишување или со друго средствo за пишување.
  • ПОПОЛНЕТЕ ГИ СИТЕ ПОЛИЊА ШТО МОЖЕ ДА СЕ ПРИМЕНАТ ВО ВАШАТА СИТУАЦИЈА. Доколку не го направите тоа, ќе се смета дека образецот е нецелосен и нема да биде прифатен.
  • Не користете симболи или кратенки, изразете се јасно, со зборови.
  • БИДЕТЕ КОНЦИЗНИ.

Доколку имате можност, Ве молиме да го симнете образецот за поднесување жалба од интернет страницата на Судот и да го пополните електронски. Со тоа ќе се забрза процесуирањето на Вашиот предмет.

Јазик

Службени јазици на Судот се англискиот и францускиот, но доколку тоа е поедноставно за Вас, во преписката со Секретаријатот може да го користите службениот јазик на некоја од државите што ја ратификувале Конвенцијата. Во текот на почетната фаза од постапката и Судот може да Ви пишува на тој јазик. Сепак, треба да имате предвид дека во понатамошниот тек од постапката, поточно ако Судот одлучи да побара од Владата да достави писмени опсервации по Вашите жалбени наводи, сета преписка што ќе биде упатена од страна на Судот ќе биде изготвена на англиски или француски јазик, и од Вас, односно од Вашиот застапник, исто така ќе се бара да го користите англискиот или францускиот јазик во понатамошните дописи.

Забелешки поврзани со полињата на образецот

За жалбата да биде прифатена од Судот, мора да ги пополните сите полиња на образецот што може да се применат на Вашиот случај согласно упатствата и да ги доставите сите неопходни документи на начинот утврден во Правилотo 47. Ве молиме да го земете предвид ова кога ќе го пополнувате образецот и кога ќе ги приложувате документите. Доколку не го сторите тоа Вашиот предмет нема да биде разгледан од Судот, нема да биде отворено досие по истиот и доставените документи нема да бидат зачувани.

Образец за поднесување на жалба – дел по дел

Термините што се користени во образецот за поднесување жалба и во упатството за негово полнување произлегуваат од Конвенцијата – без оглед на недостатокот од родова определеност во употребениот јазик – тие термини никого не исклучуваат.

Поле за баркод

Доколку веќе сте имале преписка со Судот во врска со истиот предмeт и доколку веќе сте добиле баркод налепници, треба да залепите една баркод налепница во полето што се наоѓа во горниот лев агол на првата станица од образецот за поднесување жалба.

А. Жалител

А.1. Физичко лице

Овој дел се однесува на жалителите – физички лица, за разлика од правните лица, како трговски друштва или здруженија (Дел А.2).

1–9. Доколку има повеќе од еден жалител-физичко лице овие информации мора да бидат наведени за секој жалител поединечно, на посебен лист хартија. Ве молиме нумерички да ги означите жалителите-физички лица доколку има повеќе од еден таков жалител. Видете ги и упатствата содржани во делот подолу насловен „Групни жалби и жалби поднесени од повеќе жалители“.

6. Адреса: Покрај адресата на адвокатот или застапникот, мора да се наведе поштенската адреса и на жалителот, за Судот да може да стапи во контакт со него во случај на потреба. Доколку жалителот е бездомник или нема постојано живеалиште, може да даде број на поштенски фах или адреса на пријател, но мора да даде и соодветно образложение за причините за тоа.

А.2. Oрганизација/правно лице

Овој дел се однесува на жалители-правни лица, како трговски друштва, невладини организации или здруженија итн. Доколку е пополнет овој дел, тогаш мора се пополни и делот D.1.

10–16. Мора да бидат наведени називот и информациите за контакт на жалителот–организација. Доколку има повеќе од еден таков жалител, овие информации мора да бидат наведени за секој дополнителен жалител, со пополнување на првата страница од образецот за секој од нив. Ве молиме нумерички да ги означите жалителите доколку има повеќе од еден жалител.

11. Идентификациски број: Ве молиме да го наведете службениот број за идентификација или бројот што ѝ бил даден на организацијата во службен регистар или акт, доколку постои таков.

12. Доколку била следена таква процедура, заради полесна идентификација, треба да бидат наведени и датумот на регистрација, формирање, или промени на статусот на правното лице.

Групни жалби и жалби поднесени од повеќе жалители

Доколку жалителот или застапникот поднесуваат жалба во име на двајца или повеќе жалители чиишто жалби се засноваат на различни факти, за секој од тие жалители треба да се пополни посебен образец за поднесување жалба во кој ќе бидат наведени сите потребни информации. Документите што се релевантни за случајот на секој жалител треба да бидат доставени во прилог на образецот за поднесување жалба на тој жалител.

Доколку има повеќе од десет жалители, покрај образецот за поднесување жалба и документите, застапникот треба да достави табела во која треба да бидат наведени потребните податоци за идентификација на секој жалител. Оваа табела може да ја симнете од интернет страницата на Судот (види www.echr.coe.int/applicants). Доколку застапникот е адвокат, таа табела треба да биде доставена во електронска форма (на ЦД-ром или на мемориски клуч).

Во случаите кога се работи за големи групи жалители или жалби, Секретаријатот на Судот може да побара од жалителите или нивните застапници да ги достават нивните поднесоци или документи во електронска или друга форма. Секретаријатот на Судот може да даде и поинакви упатства со цел да се обезбеди поефикасно и побрзо процесуирање на жалбите.

Непочитувањето на упатствата на Судот во однос на формата и начинот на поднесување групна жалба или жалба од повеќе жалители може да доведе до тоа предметот да не биде разгледан од страна на Судот (видете го Правилото 47 §§ 5.1 и 5.2).

B. Држава/и против која/кои е насочена жалбата

17. Внесете X пред името на државата/државите против која/кои се жалите.

Овој дел се однесува на државата/државите што ја/ги сметате за одговорна/одговорни за предметот на Вашата жалба. Ве молиме не заборавајте дека до Европскиот суд за човекови права може да поднесете жалба единствено против државите коишто се наведени на оваа листа. Сите овие држави пристапиле кон системот на Конвенцијата.

C. Застапник, застапници на жалител-физичко лице

Лицето кое во овој дел на образецот е наведено како застапник на жалителот, мора да се потпише во полето број 35, а жалителот мора да се потпише во полето број 33.

C.1. Застапник кој не е адвокат

18–25. Некои жалители може да не учествуваат во постапката пред Судот зашто така одлучиле или зашто не се во можност лично да учествуваат во постапката поради здравствени причини или поради деловна и друга неспособност. Нив може да ги застапува лице без правно образование, на пример родител може да застапува дете, а старател, член на семејството или партнер може да застапува некого чијашто практична или здравствена состојба го отежнува неговото директно учество во постапката (на пример, таков е случајот на жалител кој е во болница или во затвор). Застапникот мора да посочи во кое својство го застапува жалителот или каква е природата на нивниот меѓусебен однос, и да ги наведе своите лични податоци и информации за контакт. Ако сте го пополниле полето C.1, треба да го пополните и полето C.2 доколку именувате адвокат (обрнете внимание на полето C.2 подолу).

C.2. Адвокат

26–32. Мора да се достават детални лични податоци на адвокатот кој настапува пред Судот во име на жалителот, како и сите неопходни информации за контакт со адвокатот. Жалителот не мора да ангажира адвокат во фазата на поднесување на жалбата. Жалителот ќе биде информиран во случај неговиот предмет да дојде до фаза од постапката во која е неопходно жалителите да овластат адвокат кој ќе ги застапува пред Судот. Во тој момент – откако Судот одлучил да ја извести Владата на тужената држава за жалбата и да побара од истата да достави писмени опсервации – жалителот може да добие бесплатна правна помош доколку нема доволно средства да ги плати трошоците за адвокат и доколку Судот оцени дека доделувањето на таква помош е неопходно заради соодветно водење на постапката. Информација во врска со правната помош навреме ќе му биде испратена на жалителот.

C.3. Овластување

Овој дел мора да содржи оригинални потписи.

33. Жалителот мора да го потпише овластување со кое го ополномоштува застапникот да настапува во негово име, освен доколку жалителот е дете, нема деловна способност и не може да го потпише овластувањето. Доколку застапник кој не е адвокат ангажирал адвокат во име на жалител кој не може да го потпише овластувањето, застапникот треба да го потпише овластувањето во име на жалителот.

34. и 36. Датите што треба да се внесат во овие полиња се: датата на која се потпишал жалителот – физичко лице, и онаа на која се потпишал застапникот на жалителот.

35. Адвокатот или кое и да е друго лице коешто било ангажирано од жалителот да поднесе жалба до Судот мора да го потпише овластувањето за да потврди дека го прифаќа тој ангажман. Доколку овластувањето не е потпишано од застапникот, Секретаријатот на Судот може да продолжи да му ги упатува своите дописи единствено на жалителот поради отсуство на доказ дека застапникот е навистина вклучен во предметот.

Не испраќајте полномошно изготвено на посебен документ: за Судот е неопходно сите релевантни лични податоци, како и информациите за контакт, да бидат наведени на образецот за поднесување жалба. Жалителот и застапникот мора да се потпишат во делот наменет за овластување на образецот за поднесување жалба при изготвувањето на жалбата. Aдвокатот не би требaло да достави образец за поднесување жалба и полномошно изготвено на посебен документ освен ако има ненадминливи практични пречки да биде пополнет делот „Овластување„ на образецот за поднесување жалба. Единствено доколку жалителот го смени адвокатот или ангажира адвокат по поднесувањето на жалбата, Судот ќе прифати полномошно изготвено на посебен документ. Во таков случај, жалителот треба да го користи образецот за полномошно што може да се најде на интернет страницата на Судот и што ги содржи сите потребни информации. Доколку се достави полномошно на посебен документ без притоа да се даде убедливо објаснување зошто тоа било неопходно, жалбата ќе биде отфрлена како да не била изготвена во согласност со Правилото 47.

Електронска комуникација меѓу застапникот и Судот

eComms е услуга, воведена на инцијатива на Судот, која овозможува електронска комуникација со застапникот на жалителот. Услугата еComms се активира само ако и кога Владата на тужената држава е известена за жалбата.

37. Доставената адреса на е-пошта ќе биде употребена за креирање на eComms сметката. Се препорачува застапниците кои работат во адвокатска фирма да ја достават општата адреса на е-пошта на адвокатската фирма што ќе овозможи eComms сметката да ја користат повеќе корисници во фирмата.

Вие треба да го информирате Судот за секоја промена на адресата на е-пошта што е поврзана со Вашата eComms сметка.

За повеќе информации, Ве молиме прочитајте ги Условите и правилата за користење на eComms што може да ги најдете на интернет страницата на eComms (https://ecomms.echr.coe.int), како и Практичните упатства за доставување на документи до Судот по електронски пат (www.echr.coe.int/practicedirections) (Овие практични упатства се изготвени единствено на англиски и француски јазик).

D. Застапник, застапници на жалител – организација/правно лице

D.1. Овластено лице на организацијата

38–45. Жалителот – организација мора да презема дејствија преку физичко лице овластено да настапува во нејзино име, како на пример соодветно овластено лице, претседател или директор, со кого Судот писмено ќе комуницира во случај на потреба. Тоа лице треба да приложи писмен доказ дека е овластено да достави жалба до Судот во име на организацијата, на пример, во зависност од праксата во државата, таков доказ би можел да биде: копија од изводот од регистарот на трговските друштва или копија од изводот од регистарот на Стопанската комора, нотарски заверено овластување или записник од седница на надлeжниот орган на жалителот – организација. Доколку таков доказ не може да се обезбеди, мора да се објаснат причините за тоа.

Во овој дел мора да бидат наведени полното име и презиме, како и информациите за контакт на лицето кое има законско или правно овластување да настапува во име на организацијата.

Доколку овластениот застапник на организацијата е истовременo и адвокат кој настапува во име на организацијата, тој мора да ги пополни и овој дел и делот D.2.

D.2. Адвокат

46–52. Мора да се достават личните податоци на адвокатот кој настапува пред Судот во име на жалителот – организација, како и сите неопходни информации за контакт со адвокатот. Жалителот не мора да ангажира адвокат во фазата на поднесување на жалбата. Жалителот ќе биде информиран доколку неговиот предмет дојде до фаза од постапката во која е неопходно да биде застапуван од адвокат.

Адвокатот овластен во овој дел мора да се потпише во полето број 55, застапникот на жалителот – организација мора да се потпише во полето број 53.

D.3. Овластување

Овој дел мора да содржи оригинални потписи.

53. Застапникот на жалителот – организација мора да се потпише во ова поле за да го овласти адвокатот да настапува во име на организацијата.

54. и 56. Датите што треба да се внесат во овие полиња се: датата на која се потпишал застапникот на жалителот – организација и датата на која се потпишал адвокатот.

55. Адвокатот кој е ангажиран од страна на застапникот на жалителот-организација да поднесе жалба до Судот мора да го потпише полето за овластување за да потврди дека истото го прифаќа. Доколку овластувањето не е потпишано од адвокатот, Секретаријатот на Судот може да продолжи да му ги упатува своите дописи единствено на застапникот на жалителот-организација поради отсуство на доказ дека адвокатот е навистина вклучен во предметот.

Не испраќајте полномошно изготвено на посебен документ, за Судот е неопходно сите релевантни лични податоци, како и информациите за контакт, да бидат наведени на образецот за поднесување жалба. Застапникот на жалителот – организација и адвокатот мора да се потпишат во делот наменет за овластување на образецот за поднесување жалба при изготвувањето на жалбата. Aдвокатот не требa да достави образец за поднесување жалба и полномошно изготвено на посебен документ освен ако има ненадминливи практични пречки да биде пополнет делот „Овластување“ на образецот за поднесување жалба. Само доколку жалителот го смени адвокатот или ангажира адвокат по поднесувањето на жалбата, Судот ќе прифати полномошно изготвено на посебен документ. Во таков случај, жалителот треба да го користи образецот за полномошно што може да се најде на интернет страницата на Судот и што ги содржи сите потребни информации. Доколку се достави полномошно на посебен документ без притоа да се даде убедливо објаснување зошто тоа било неопходно, жалбата ќе биде отфрлена како да не била изготвена во согласност со Правилото 47.

Електронска комуникација меѓу застапникот и Судот

eComms е услуга, воведена на инцијатива на Судот, која овозможува електронска комуникација со застапникот на жалителот. Услугата еComms се активира само ако и кога Владата на тужената држава е известена за жалбата.

57. Доставената адреса на е-пошта ќе биде употребена за креирање на eComms сметката. Се препорачува застапниците кои работат во адвокатска фирма да ја достават општата адреса на е-пошта на адвокатската фирма што ќе овозможи eComms сметката да ја користат повеќе корисници во фирмата.

Вие треба да го информирате Судот за секоја промена на адресата на е-пошта што е поврзана со Вашата eComms сметка.

За повеќе информации, Ве молиме прочитајте ги Условите и правилата за користење на eComms што може да ги најдете на интернет страницата на eComms (https://ecomms.echr.coe.int), како и Практичните упатства за доставување на документи до Судот по електронски пат (www.echr.coe.int/practicedirections) (Овие практични упатства се изготвени единствено на англиски и француски јазик).

E., F. и G.: Предмет на жалбата

58–65. Бидете концизни. Внесете ги суштинските информации за Вашиот случај: клучните факти и одлуки, и објаснете како биле повредени Вашите права, без непотребни објаснувања или несуштински факти. Не вклучувајте долги цитати, доволно е да се повикате на документ доставен во прилог. Фактите за Вашиот предмет и Вашите жалбени наводи треба да бидат изложени во просторот што е наменет за тоа во полињата на образецот за поднесување жалба за да му овозможат на Судот да ги утврди природата и видот на жалбата без да има увид во каков и да друг документ. Овие информации за Вашиот предмет се од клучно значење за соодветна и брза обработка на Вашата жалба и мора да бидат наведени на страниците на образецот за поднесување жалба што се наменети за таа цел, а не на дополнителни прилози. Тој треба да содржи јасна и концизна изјава за фактичката состојба, жалбените наводи и почитувањето на критериумите за допуштеност што е лесно читлива. Затоа не се обидувајте на овој простор да ја наведете секоја ситница. Неприфатливо е овие страници од образецот да бидат непополнети или на пример во овој дел само да се повикате на „документите доставени во прилог„. Доколку не се почитува правилото релевантните информации да бидат содржани на ограничениот простор наменет за таа цел во образецот за поднесување жалба, предметот не може да биде разгледан од страна на Судот.

Дополнителни информации и појаснувања, доколку се неопходни, може да се достават на анекс на образецот за пополнување жалба (посебен документ). Тие дополнителни информации и појаснувања не смеат да надминуваат 20 страници (во ова ограничување не спаѓаат копиите од одлуките и документите доставени во прилог). Ова не значи дека може да ги почнете Вашите наводи на образецот за поднесување жалба и да продолжите на дополнителните страници што не треба да надминуваат 20 страници. Овие 20 страници се прилог на концизната изјава за фактичката состојба, жалбените наводи и почитувањето на критериумите за допуштеност што мора да бидат содржани во соодветните делови на образецот. Во таквиот прилог не треба да бидат наведени нови жалбени наводи и истиот може да се користи за појаснување на жалбените наводи што веќе се наведени на образецот за поднесување жалба.

Ве молиме имајте предвид дека доколку Судот ја извести Владата на тужената држава за жалбата за истата да достави опсервации, на жалителот ќе му се даде можност да достави детални аргументи во одговор на Владините опсервации.

Сите поднесоци мора да бидат целосно читливи, и доколку покрај изјавата за фактичката состојба, жалбените наводи и изјавата за почитување на критериумите за допуштеност, во прилог се доставени и други поднесоци, мора:

  • доколку се пополнети на машина за пишување или со друго средство за пишување, големината на буквите (фонтот) мора да биде најмалку 12 во главниот текст и 10 во фуснотите;
  • прилозите мора да бидат доставени на формат А4 со маргина широка најмалку 3.5 сантиметри;
  • страниците мора да бидат нумерирани последователно; и,
  • да бидат поделени во нумерички обележани параграфи.

По правило, секоја информација содржана во образецот и документите што ќе ги доставите до Секретаријатот, вклучувајќи информации за жалителот или за некоја трета страна ќе бидат достапни за јавноста. Покрај тоа, овие информации може да се појават во базата на податоци – HUDOC којашто е достапна преку Интернет доколку Судот истите ги вклучи во Изјавата за фактичката состојба подготвена при известување за предметот до засегнатата Влада; во одлуката за допуштеност или за бришењето на предметот од листата предмети; или во пресудата. Оттука прозлегува дека е потребно да ги доставите само оние информации поврзани со Вашиот приватен живот или со приватниот живот на некоја трета страна што се од суштинска важност за разбирање на предметот.

Покрај тоа, доколку сакате Вашиот идентитет да не биде достапен за јавноста, мора јасно да го нагласите тоа и да ги наведете причините поради кои барате да се направи исклучок од вообичаеното правило за јавност на информациите во постапката. Судот може да одобри анонимност само во исклучителни и оправдани случаи.

E. Изјава за фактичката состојба на предметот

58–60. Бидете јасни и концизни. Наведете ги точните датуми.

Почитувајте ја хронологијата на настаните и наведете ги истите по редоследот по кој се случиле.

Доколку Вашите жалбени наводи се однесуваат на низа различни настани (на пример, различни судски постапки), Ве молиме одделно да ја разработите фактичка состојба за секоја од тие постапки.

Мора да ги доставите сите документи во поткрепа на Вашиот предмет, пред се копии од релевантните одлуки или други официјални документи за мерките на кои се жалите: на пример, наредба за исселување или наредба за депортација. Покрај тоа, Вашите наводи мора да ги поткрепите и со доставување на пишани докази како медицински извештаи, изјави на сведоци, преписи, документи за сопственост, или докази за периодот што сте го минале во притвор. Доколку не може да обезбедите копии од одредени документи, треба да ги објасните причините за тоа.

F. Изјава за повредите на Конвенцијата и/или Протоколите на кои се повикувате и релевантни аргументи

61–62. За секој изнесен жалбен навод, мора да го посочите членот на Конвенцијата или Протоколот на кој се повикувате и да дадете кратко објаснување за тоа во што се состоела повредата на тие одредби.

Објаснете колку што е можно попрецизно на што точно се жалите во однос на Конвенцијата. Притоа, потребно е да ги наведете одредбите од Конвенцијата на кои се повикувате и да објасните зошто сметате дека фактите што сте ги изложиле претставуваат повреда на тие одредби. Вакво објаснување мора да дадете за секој жалбен навод поединечно.

Пример:

Член 6 § 1: граѓанската постапка по моето барање за надомест на штета за телесна повреда траеше неоправдано долго, поточно повеќе од десет години, од 10 јануари 2002 до 25 април 2012.

G. Исполнување на критериумите за допуштеност утврдени во член 35 § 1 од Конвенцијата (информација во однос на исцрпувањето на домашните правни средства и на почитувањето на рокот од четири месеци)

63. Во овој дел треба да покажете дека сте ѝ дале можност на државата да ја поправи ситуацијата во врска со која се жалите пред да му се обратите на Судот кој има меѓународна надлежност. Тоа значи дека мора да објасните дека сте ги искористиле сите постоечки ефикасни правни средства во државата против која се жалите.

Ве молиме да ги наведете следните детали за секој изнесен жалбен навод за повреда на правата што се загарантирани со Конвенцијата или протоколите:

  • точната дата на конечната одлука, називот на судот или друго тело и видот на одлуката;
  • датумите на одлуките на судовите од пониска инстанца што довеле до конечната одлука; и,
  • бројот на предметот во домашната постапка.

Не заборавајте да приложите копии од сите одлуки донесени од суд или друго тело надлежно да одлучува, од најниската до највисоката судска или друга инстанца; мора да доставите и копии од сите барања, тужби или жалби што сте ги поднеле до судовите, со цел да покажете дека на сите нивоа сте ја покренале суштината на Вашите жалбени наводи за повреда на Конвенцијата.

Мора да докажете и дека секој жалбен навод сте го поднеле до Судот во рок од четири месеци од датумот на конечната одлука што била донесена во постапката за исцрпувањето на домашните правни средства за тој жалбен навод. Значи од клучно значење е прецизно да ја одредите датата на конечната одлука. Мора да доставите доказ за тоа, копија од одлуката на која се наоѓа таа дата, или, доколку не сте добиле копија од конечната одлука на денот кога одлуката била донесена или објавена, доказ за датата на која истата Ви била доставена, на пример копија од доставницата, или копија од препорачаниот допис или коверт. Доколку не постоеле адекватни правни средства, мора да докажете дека сте го поднеле жалбениот навод во рок од четири месеци од денот на дејството, мерката или одлуката на кои се жалите и да доставите пишан доказ за датата на тоа дејство, мерка или одлука.

64–65. Во овој дел треба да појасните дали постои правно средство што не сте го искористиле. Доколку е тоа така, треба да ги наведете причините поради кои не сте го искористиле тоа правно средство.

Дополнителни корисни информации во однос на искористувањето на домашните правни средства и почитувањето на рокот од четири месеци може да најдете во Практичниот водич за критериумите за допуштеност (www.echr.coe.int/applicants).

H. Информации во однос на други меѓународни постапки (доколку има такви)

66–67. Мора да посочите дали жалбените наводи кои се предмет на Вашата жалба сте ги поднеле во некоја друга постапка за меѓународна истрага или спогодување, на пример до некое тело на Обединетите Нации како Меѓународната организација на трудот или Комитетот за човекови права при ОН, или до некој меѓународен панел за арбитража. Доколку е тоа така, треба да наведете детали за таа постапка, како назив на телото до кое сте ги поднеле Вашите жалбени наводи, датумите и деталите за секоја постапка која евентуално била започната и детали за сите одлуки што евентуално биле донесени. Треба да доставите и копии од релевантните одлуки и други документи.

68–69. Поранешни или тековни жалби пред Судот: Треба да посочите и дали Вие како жалител имате или сте имале друга жалба пред Судот и доколку е тоа така, треба да го/ги наведете бројот/броевите на таа/тие жалба/и. Ова е од клучно значење за вработените во Судот да можат да ги архивираат, наоѓаат и процесуираат различните жалби поднесени во Ваше име.

I. Листа на прилози

70. Мора да приложите нумерички означена и хронолошки подредена листа на сите пресуди и одлуки на кои сте се повикале во деловите E, F, G и H на образецот за поднесување жалба, како и на сите други документи што Вие би сакале Судот да ги земе предвид како докази за Вашите жалбени наводи за повреда на Конвенцијата (преписи, изјави на сведоци, медицински извештаи, итн.). Ве молиме на листата на документи посочете точно на која страница од снопот доставени документи се наоѓа секој од тие документи за вработените од Судот да може лесно да го најдат. Доколку просторот наменет за тоа на образецот за поднесување жалба не е доволен може да додадете и дополнителен лист хартија.

Треба да приложите целосни и читливи копии на сите документи што сте ги навеле на оваа листа.

Судот нема да Ви ги врати документите што ќе ги добие од Вас. Значи во Ваш интерес е да испраќате само копии, а не оригинали.

Притоа МОРА да се придржувате кон следните правила:

  • подредете ги документите по хронолошки редослед за секоја судска постапка одделно;
  • нумерички означете ги страниците, по точен редослед, и,
  • не ги захевтуваjте, залепуваjте со самолеплива лентa и не ги сврзувајте на друг начин документите што ќе ги испратите до Судот.

ПОТСЕТУВАЊЕ: Жалителот е одговорен за тоа навреме да ги преземе неопходните чекори за да ги добие сите информации и документи што се потребни за доставување целосна жалба. Доколку не доставите еден или повеќе од неопходните документи, Вашата жалба ќе се смета за нецелосна и нема да биде разгледана од Судот, освен доколку не доставите соодветно објаснување за причините поради кои не можете да ги доставите документите што недостасуваат.

Ве молиме имајте предвид дека од сигурносни причини ќе бидат уништени сите жалби што содржат сомнителни предмети.

Изјава и потпис

Овој дел мора да содржи оригинални потписи.

72–73. Изјавата мора да ја потпише секој жалител, или овластениот застапник. Никој друг не може да го направи тоа.

Потврда за лицето со кое Судот ќе ја води преписката по жалбата

74. Секретаријатот на Судот ќе води преписка само со еден жалител, или со еден застапник. Оттука произлегува дека доколку има повеќе жалители кои не именувале застапник, еден жалител треба да биде назначен како лице со кое Секретаријатот треба да ја води преписката. Кога жалителот има застапник, Секретаријатот ќе ја води преписката само со еден застапник. Значи, на пример ако жалителот има повеќе од еден адвокат тој мора да го назначи адвокатот кој ќе ја води преписката со Судот.

III. Информации за начинот на поднесување жалба и за начинот на кој се обработуваат жалбите

A. Начин на поднесување жалба

Жалбата до Судот може да се поднесе само по редовна пошта (не по телефон). Тоа значи дека отпечатениот образец за поднесување жалба со оригиналните потписи на жалителот/жалителите и/или овластениот застапник мора да биде испратен по пошта. Жалбата нема да се смета за целосна доколку образецот на жалбата е испратен само по факс зашто Судот мора да го прими потпишаниот образец во оригинал. Нема никаква потреба да доаѓате лично во Стразбур за усно да го изложите Вашиот случај.

Образецот за поднесување жалба може да го најдете на интернет страницата на Судот: www.echr.coe.int/applicants.

Испратете го образецот на следната адреса:

The Registrar
European Court of Human Rights
Council of Europe
67075 STRASBOURG CEDEX
FRANCE

B. Процесуирање на жалбата

Само откако ќе добие целосно пополнет образец за поднесување жалба со сите придружни документи, Судот ќе отвори досие и ќе ги чува преписката и документите по таа жалба.

По добивањето на образецот, Секретаријатот на Судот ќе провери дали истиот ги содржи сите потребни информации и документи. Доколку тоа не е случај, ќе добиете одговор во кој ќе бидете информирани за тоа дека не сте го испочитувале Правилото 47, дека не било отворено досие и дека не се чуваат документите што сте ги испратиле. Во тој случај, Вие имате опција да доставите нова жалба, што значи дека треба повторно да доставите целосно пополнет образец за поднесување жалба со сите релевантни документи и одлуки, дури и тогаш кога претходно сте доставиле некоја од тие информации. Нема да бидат прифатени нецелосни поднесоци.

Секретаријатот не може да Ви дава информации во однос на законодавството во државата против која се жалите, ниту може да ви дава правни совети во врска со жалбата или толкувања на националното законодавство.

Пред да ја испратите жалбата до Судот, треба да направите копија на пополнетиот образец за поднесување жалба и да ја чувате заедно со оригиналните документи. На тој начин, доколку Секретаријатот Ве информира за тоа дека Вашата жалба е нецелосна ќе можете, доколку така одлучите, да поднесете нова и целосна жалба без потешкотии и без непотребно доцнење. Не постои гаранција за тоа дека ќе имате доволно време да доставите нова жалба пред истекот на рокот од четири месеци, во случај Вашата прва жалба да биде отфрлена како нецелосна. Оттука произлегува дека треба да внимавате на тоа навреме да доставите целосно пополнет образец со сите неопходни документи.

Доколку доставениот образец е целосно пополнет, може да добиете одговор со кој Судот Ве информира за тоа дека е регистриран предмет на Ваше име (бројот на тој предмет мора да биде наведен на сета последователна преписка). Со тој допис ќе добиете и баркод налепници што треба да ги лепите на секој иден допис.

Секретаријатот може да Ви се обрати со барање да доставите дополнителни информации и појаснувања. Во Ваш интерес е брзо да одговорите на секој допис од Секретаријатот на Судот зашто секое досие отворено по жалбa коja е неактивна се уништува по истекот на шест месеци. Покрај тоа, треба да знаете дека откако Судот ќе започне со разгледување на предметот, секое доцнење или неодговарање на допис од Секретаријатот на Судот, или недоставувањето дополнителни информации или документи, може да води до заклучок дека не сакате да ја продолжите постапката по Вашиот предмет. Како резултат на тоа, може да се случи жалбата да не биде разгледана од страна на Судот, да биде прогласена за недопуштена или да биде избришана од листата на предмети.

C. Бесплатно разгледување на жалбата

Вашата жалба ќе биде разгледана бесплатно. Вие ќе добиете информација за секоја одлука на Судот во однос на Вашата жалба.