Eвропскиот суд за заштита на човековите права е меѓународен суд со седиште во Стразбур, којшто може да разгледува единствено жалбени наводи од физички лица, организации и трговски друштва кои тврдат дека биле повредени нивните права загарантирани со Европската конвенција за човекови права.
Европската конвенција за заштита на човековите права претставува меѓународен договор, со кој голем број европски држави се обврзале да го гарантираат почитувањето на одредени основни права. Загарантираните права се утврдени во Конвенцијата, како и во протоколите бр. 1, 4, 6, 7, 12 и 13, што ги прифатиле само некои држави — потписнички на Конвенцијата.
Судот ја спроведува Европската конвенција за човековите права. Негова задача е да следи дали државите ги почитуваат правата и одредбите утврдени со Конвенцијата. Таа задача Судот ја врши преку разгледување на жалбите (тнр. „апликации“) што ги поднесуваат физички лица, или во одредени случаи, држави. Кога ќе утврди дека некоја од земјите — членки повредила едно или повеќе од тие права и одредби, Судот донесува пресуда. Пресудите се со обврзувачки карактер: државите на кои се однесуваат донесените пресуди имаат обврска да постапат во согласност со нив.
Не мора да бидете државјанин на некоја од државите што ја ратификувале Конвенцијата. Но, повредата на која се жалите мора да била извршена од страна на една од тие држави и во рамките на нејзината „јурисдикција“, што најчесто се поистоветува со нејзината територија. Може да се жалите само поради делувањето или неделувањето на еден или повеќе органи на државна власт на државата против која се жалите (на пример, судски или административен орган). Судот не може да разгледува жалби против поединци или приватни установи, како на пример трговски претпријатија. Мора лично и непосредно да сте биле жртва на повредата на која се жалите. На пример, не може да доставите општа жалба во однос на некој закон или мерка бидејќи сметате дека се неправични, ниту може да се жалите во име на други лица (освен во случај кога нивниот идентитет е јасно утврден и Вие сте нивен овластен правен застапник). Вашата жалба може да се однесува само на повреда на Европската конвенција за заштита на човековите права, а не на повреда на некој друг нормативен акт, како на пример на Универзалната декларација за човековите права или на Повелбата за основните права.
Мора да ги исцрпите сите правни лекови во државата против која се жалите, а со кои може да се разреши ситуацијата којашто е предмет на Вашата жалба (обично, тоа значи дека треба да поднесете тужба до надлежниот суд, а потоа, доколку тоа е можно, треба да поднесете жалба, и дури да се обратите до највисоката надлежна судска инстанца, како на пример до Врховниот или Уставниот суд, доколку таков суд постои во државата против која се жалите). Не е доволно само да ги искористите постоечките правни лекови. Притоа мора да ги изложите Вашите жалбени наводи (односно, суштината на повредата на Конвенцијата на која се повикувате). Вашата жалба може да ја поднесете само во рок од четири месеци од денот на конечната одлука на домашно ниво (обично тоа е датумот на пресудата на највисоката надлежна судска инстанца). Образецот за поднесување жалба заедно со сите потребни податоци и документи мора да бидат испратени до Судот на последниот ден од тој четиримесечен период или порано. Проверете дали истиот ги содржи сите потребни информации и документи.
Судот не може да разгледува жалбени наводи од секаков вид. Неговите надлежности се дефинирани со критериумите за допуштеност утврдени во Конвенцијата со кои се определува кој може да се жали до Судот, кога може да го стори тоа, и во врска со што може да се жали. Повеќе од 90% од жалбите што ги разгледува Судот се прогласени за недопуштени. Оттука произлегува дека треба да проверите дали Вашите жалбени наводи ги исполнуваат критериумите за допуштеност. За дополнителни информации во однос на овие критериуми може да се посоветувате со адвокат.
Вашата жалба ќе биде разгледана бесплатно. Вие ќе ги сносите трошоци во врска со Вашата жалба (како на пример адвокатските хонорари или трошоците поврзани со истражувањето и преписката). Судот не може да Ви помогне да ги платите трошоците за адвокат кој би ја составил Вашата жалба. Иако во почетната фаза од постапката не мора да имате адвокат, доколку Судот донесе одлука да ја извести Владата за Вашата жалба, ќе треба да назначите адвокат.
Доколку Судот оцени дека во Вашиот предмет имало повреда на Конвенцијата, може да досуди правичен надоместок, што е парична оштета за претрпената штета. Судот исто така може да побара од државата да Ви ги надомести трошоците што сте ги имале во врска со Вашата жалба.