Како да стапите во контакт со Судот за поднесување барање за времена мерка

Вработените во Секретаријатот на Судот ги примаат барањата за примена на времена мерка од понеделник до петок од 8:00 до 16:00 часот (локално време во Стразбур: GMT+1). Барањата добиени по 16.00 часот по правило не се разгледуваат во текот на тој ден. Барањата добиени за време на викенд или државен празник не се обработувааат во текот на тој ден, но се разгледуваат во текот на следниот работен ден (видете Календар на неработни денови и празници).

Барањата мора да бидат испратени преку интернет страницата ECHR Rule 39 Site, по факс или по пошта. Судот не ги разгледува барањата испратени по електронска пошта.

– Интернет адресата на страницата ECHR Rule 39 Site е https: //r39.echr.coe.int. Подолу во текстот ќе најдете повеќе информации за ECHR Rule 39 Site.

– по факс: Следните броеви на факс се наменети исклучиво за прием на барања за примена на времени мерки: +33 3 90 21 43 50 и +33 3 88 41 39 00.
Се препорачува факсовите подолги од десет страници да бидат испратени во повеќе делови со цел нивен поефикасен прием и обработка.

– Поштенската адреса на Судот е:

European Court of Human Rights
Council of Europe
67075 STRASBOURG CEDEX
FRANCE

Сите барања испратени по факс или по пошта на првата страна од барањето мора да ги содржат следните напомени, напишани со здебелени букви:

“Правило 39 – Итно Лице за контакт (име, презиме и податоци на лицето за контакт): …

Во случај на протерување или екстрадиција, мора да бидат наведени и следните информации:

Дата и време на предвиденото присилно враќање и одредиште: …

Во принцип, барањата за примена на времена мерка треба да пристигнат до Судот колку што е можно поскоро по донесувањето на конечното решение на домашно ниво, со цел Судот и неговиот Секретаријат да имаат доволно време да го разгледаат прашањето. Во предметите што се однесуваат на протерување или екстрадиција може да се случи Судот да не успее да ги обработи барањата добиени помалку од еден работен ден пред датумот предвиден за извршување на мерката за присилно враќање.

Детали за поднесувањето барања за примена на времена мерка преку интернет страницата ECHR Rule 39 Site

Интернет страницата ECHR Rule 39 Site треба да се користи единствено за поднесување барања за примена на времена мерка до Судот согласно правилото 39 од Деловникот на Судот. Поднесоците кои не се однесуваат на барања за примена на времена мерка нема да бидат разгледани и таквите барања поднесени преку оваа интернет страница веднаш ќе бидат затворени.

Интернет страницата ќе се користи за размена на преписка со жалителите кои го поднеле нивното барање преку оваа страница се додека не биде донесена одлука по барањето за примена на времена мерка. Дописите, вклучувајќи ги известувања за сите административни или судски одлуки, кои биле доставени преку интернет страницата нема да бидат испратени по обична пошта. Судот нема да ја користи оваа интернет страница за да стапи во контакт со жалителите кои го испратиле нивното барање на друг начин, на пример по факс или по пошта.

За да поднесе барање, жалителот мора (задолжително):

• Да го пополни полето „Назив на барањето (Во ова поле жалителите треба накратко да го појаснат предметот на нивното барање)“

• Да ги пополни полињата кои се однесуваат на жалителите, застапниците и засегнатата држава

• Да приложи барем еден прилог. Сите прилози мора да бидат во формат PDF. Повеќе информации за барањата во однос на форматот и димензиите се достапни во документот Општи услови (Terms and Conditions).

Важно

Откако сте го поднеле барањето може да испраќате дополнителни информации и документи преку интернет страницата ECHR Rule 39 Site само доколку Судот го побарал тоа од Вас.