Практично упатство
Барања за примена на времени мерки1

(Правило 39 од Деловникот на Судот)

1 Практично упатство издадено од Претседателот на Судот согласно Правило 32 од Деловникот на Судот на 5 март 2003 година и ревидирано на 16 октомври 2009, 7 јули 2011, 3 мај 2022 и 28 март 2024 година

I. Вовед

Во системот на Конвенцијата, во исклучителни околности, по барање на странка или на кое било друго засегнато лице, или по сопствена иницијатива на Судот, може да се изречат времени мерки според Правило 39 од Деловникот на Судот, кога постои непосреден ризик од неповратна штета. Тие имаат суштинска улога за да се избегнат неповратни ситуации што би ги спречиле домашните судови и/или Судот правилно да ги разгледаат жалбените наводи според Конвенцијата и, кога е соодветно, за да му се обезбеди на жалителот практично и ефективно уживање на правата од Конвенцијата на кои се повикува.

Непочитувањето на времените мерки од страна на тужената Договорна страна ја поткопува делотворноста на правото на индивидуална жалба, гарантирано со член 34 од Европската конвенција за човекови права, како и формалната обврска на државата според член 1 да ги заштити правата и слободите утврдени во Конвенцијата. Кога изрекува времени мерки, Судот ја врши својата надлежност за да обезбеди почитување на обврските што за Високите страни договорнички произлегуваат од Конвенцијата и нејзините протоколи, во согласност со член 19. Таа надлежност се протега на сите прашања во врска со интерпретацијата и примената на Конвенцијата и на нејзините протоколи, како што е предвидено во член 32 од Конвенцијата (видете, inter alia, Маматкулов и Аскаров против Турција [ГС], бр. 46827/99 и 46951/99, §§ 128–29, ECHR 2005-I; Палади против Молдавија [ГС], бр. 39806/05, §§ 84–106, 10 март 2009; М.К. и други против Полска, бр. 40503/17 и 2 други, §§ 229–38, 23 јули 2020; и K.I. против Франција, бр. 5560/19, § 115, 15 април 2021). Оттука, времените мерки се обврзувачки.

Текстот на Правило 39 беше изменет на 23 февруари 2024 година со цел дополнително да се појаснат околностите во кои може да се изречат времени мерки и прагот што треба да се достигне во врска со барањето и примената на тие мерки. Со измената, исто така, се настојуваше текстот на Правилото да се усогласи со утврдената судска практика и практиката на Судот во врска со времените мерки.

Целта на ова ревидирано Практично упатство е да даде детални насоки за материјалните и процесните аспекти на постапката на Судот за времени мерки според Правило 39 од Деловникот на Судот, со цел да се обезбеди поголема јасност и транспарентност во однос на водењето на постапките поврзани со времени мерки, исклучителните околности во кои таквите мерки може да бидат изречени и случаите кога тие може да бидат преиспитани. Упатството е наменето за (потенцијалните) жалители, нивните застапници, Договорните страни и, општо, за заинтересираните субјекти.

II. Опсег и функционирање на постапката за времени мерки

A. Опсегот на Правило 39 од Деловникот на Судот

Кога Судот изрекува времена мерка, а тоа го прави во исклучителни околности, тој настојува да обезбеди заштита од непосреден ризик од неповратна штета. Затоа Судот им наложува на странките во постапката да применат таква мерка само кога, откако ќе ги разгледа сите достапни информации, ќе оцени дека мерката е неопходна во интерес на странките или за правилно водење на постапката. Со времените мерки што ги изрекува, Судот може да им наложи на странките да се воздржат од преземање одредени дејствија или да преземат конкретни мерки.

Ново кодифицираната верзија на Правило 39 упатува на тоа дека времените мерки се применуваат во случаи на „непосреден ризик од неповратна штета за право од Конвенцијата“. Поимот „неповратна штета за право од Конвенцијата“ е дефиниран како штета која, поради својата природа, не би можела да се отстрани преку репарација, враќање во претходна состојба или соодветен надомест. Во таа смисла, изразот „враќање во претходна состојба“ треба да се разбере како враќање во состојбата пред да биде причинета каква било штета. Оттука, Судот изрекува времени мерки кога постои ризик дека, без такви мерки, би настанала ситуација во која restitutio in integrum и други облици на репарација не би биле можни ако Судот, на крајот од постапката пред него, оцени дека таквото враќање во претходна состојба или други облици на репарација се оправдани. Затоа околностите на предметот мора да надминат висок праг на сериозност за да се примени Правило 39. Времените мерки се изрекуваат само кога постојат prima facie докази за непосреден ризик од неповратна штета, а не кога жалителите, во отсуство на времени мерки, би трпеле само тешкотии. Во однос на исцрпувањето на домашните правни средства, видете го делот III.C подолу.

Оттука, Судот, по правило, изрекува времени мерки само во исклучителни предмети и врз основа на строго испитување на сите релевантни околности. Во најголем дел од тие предмети, достапните докази укажуваат на јасно основано тврдење за вистинска закана по животот и телесниот интегритет, со последователен реален ризик од тешка штета спротивна на основните одредби на Конвенцијата.

B. Органи што одлучуваат во постапката според Правило 39

Надлежноста на Судот да одлучува по барања за примена на времени мерки ја остваруваат дежурни судии или, кога е соодветно, Претседателот на Одделот, Судскиот совет, Претседателот на Големиот судски совет, Големиот судски совет или Претседателот на Судот (Правило 39 § 2).

Дежурни судии се судиите избрани за потпретседатели на петте Оддели согласно Правило 8 §§ 1 и 2. Тие се назначуваат од Претседателот на Судот во согласност со Правило 39 § 5 за да одлучуваат по барањата за примена на времени мерки. Од 2022 година, сите пет потпретседатели на Одделите постапуваат како дежурни судии. Во практиката, дежурните судии не разгледуваат барања за примена на времени мерки против Договорната страна во однос на која конкретниот судија е избран или чиј државјанин е.

Во изменетата верзија на Правило 39, Судот во пленарен состав одлучи да воведе посебна правна основа што му овозможува на Претседателот на Судот, кога е потребно, да изрекува времени мерки.

Барањата за примена на времени мерки во нови индивидуални жалби првенствено ги разгледуваат дежурните судии, со поддршка од специјализирана единица во рамките на Секретаријатот на Судот. Дежурните судии сепак можат да го упатат барањето за примена на времена мерка до еден од другите органи што одлучуваат, наведени во Правило 39 § 2, вклучувајќи ги и колегијалните тела. Такво упатување може да се случи во различни ситуации и зависи од природата на барањето, предметот во кој е поднесено и степенот на итност. Поради степенот на итност, упатувањето до колегијално тело може да не биде можно, па дежурниот судија може привремено да го примени Правило 39, меѓу другото, за да го олесни подоцнежното разгледување на барањето за времена мерка од такво тело. За тоа дали барањето ќе го разгледува колегијално тело одлучува самиот Суд.

Барањата за примена на времени мерки поднесени во меѓудржавни жалби, во индивидуални жалби што се во тек пред Големиот судски совет и во индивидуални жалби за кои тужената држава веќе е известена и кои веќе се доделени на Одделите, по правило ги разгледуваат Претседателот на Судот, Претседателот на Големиот судски совет или претседателите на Одделите. Можноста за упатување до колегијално тело се применува и кога надлежноста за одлучување првично ја има Претседателот на Судот, Претседателот на Големиот судски совет или претседателите на Одделите.

C. Процес на одлучување по барањата за примена на времени мерки

По преиспитувањето на процесот на одлучување според Правило 39, што Судот во пленарен состав го спроведе во 2023 година, сите одлуки на Судот во врска со времените мерки, независно од природата на донесената одлука (на пример, изрекување времени мерки, одбивање на барања, одложување на разгледувањето на барања, укинување на постојни времени мерки), им се доставуваат на странките во форма на одлука потпишана, зависно од случајот, од дежурниот судија, од Претседателот на Одделот, од Претседателот на Големиот судски совет или од Претседателот на Судот. Имињата на судиите што донесуваат одлуки во постапката за времени мерки систематски се наведуваат во одлуките.

Одлуките се придружени со допис од Секретаријатот што содржи информации за постапката, заедно со секое упатство до странките или секое барање што им е упатено.

Жалителите се информираат за одлуките на Судот во врска со барањата за примена на времени мерки преку ECHR Rule 39 Site, по факс или по пошта.

Судот може да изрече времени мерки до понатамошно известување, за времетраењето на постапката пред Судот или за ограничен временски период, во зависност од околностите на предметот.

Кога времените мерки се изрекуваат за ограничен временски период, тоа може да биде од различни причини, како што се: потребата да се почека приемот на релевантни информации од странките по барање на Судот; потребата да им се овозможи на домашните судови во тековните постапки целосно да го разгледаат прашањето што е предмет на барањето за примена на времена мерка; оцената дека барањето треба да го разгледа колегијално тело и дека е потребно повеќе време за закажување седница; или оцената на дежурниот судија дека е потребно повеќе време пред да донесе одлука.

Кога Судот побарал дополнителни информации, двете странки се повикуваат, согласно Правило 54 § 2 (a) од Деловникот на Судот, да ги достават потребните информации во определен временски рок. Должината на тој рок зависи од околностите на предметот и итноста на барањето. Во такви случаи, по приемот на информациите од странките, Судот може да одлучи да ја продолжи, да не ја продолжи или да ја укине секоја времена мерка што е во сила.

Судот може исто така да одлучи да го одложи разгледувањето на барањата за примена на времени мерки и да ги повика странките да достават информации, кога степенот на итност го дозволува тоа, во случаи кога информациите што жалителите можеле да му ги достават на Судот не се доволни за Судот да го разгледа барањето и кога се смета дека е изводливо да се побараат информации од тужената Договорна страна пред да се донесе каква било одлука.

Кога разгледувањето на барањето е одложено, тужената Договорна страна или двете странки се повикуваат, согласно Правило 54 § 2 (a), да ги достават потребните информации во определен временски рок. Должината на тој рок зависи од околностите на предметот и степенот на итност на барањето. По приемот на информациите од странките, Судот може повторно да го одложи разгледувањето на барањето и да им постави дополнителни прашања на странките, или да ја донесе својата одлука по барањето за примена на времени мерки.

Судот може исто така да одлучи да го извести Комитетот на министрите за времена мерка, согласно Правило 39 § 3 од Деловникот на Судот, кога судското тело што ја донело времената мерка смета дека известувањето е оправдано. Во такви околности, странките се информираат за известувањето.

Кога се тврди дека тужена Договорна страна не постапила во согласност со времена мерка и Судот одлучува да ја извести тужената Договорна страна за жалбата или за дел од жалбата, Комитетот на министрите може да биде известен и за секое прашање што е поставено во врска со почитувањето на обврските според член 34 од Конвенцијата.

Двете странки имаат должност целосно да соработуваат во водењето на постапката и, особено, во рамките на своите можности да ги преземат дејствијата што Судот ги смета за неопходни за правилно спроведување на правдата (видете Правило 44A). За жалителите, тоа значи должност да обезбедат барањата за примена на времени мерки да бидат поднесени навремено и да ги содржат сите неопходни информации и документи (видете ги ставовите 32–37 подолу). Од клучно значење е жалителите да не го одложуваат поднесувањето на своето барање за да создадат поголем степен на итност. Таквите одлагања може негативно да влијаат врз правата и интересите на жалителите и врз способноста на Судот ефикасно да постапува по барањата за примена на времени мерки. Во однос на Договорните страни, во многу случаи, иако не во сите, степенот на итност може да зависи од нивното постапување. Судот нагласува дека Договорните страни секогаш можат однапред да го известат Судот кога сметаат дека може непосредно да биде поднесено барање според Правило 39, доставувајќи ги притоа сите релевантни информации.

Како што е објаснето во став 13 погоре, одлуките на Судот по барањата за примена на времени мерки им се доставуваат на странките во форма на одлука, потпишана од судското тело што ја донело. Дополнително образложение во врска со одлуката може да биде дадено по дискреција на тоа судско тело.

Против одлуките во врска со барањата за примена на времени мерки не е дозволена жалба.

Сепак, тужената Договорна страна може да побара од Судот да ја преиспита својата одлука да изрече времени мерки ако смета дека мерките повеќе не се потребни или ако располага со информации што не биле достапни во релевантниот момент или не му биле навремено ставени на располагање на Судот. Не постои определен рок за поднесување такви барања. Кога ќе биде примено барање за преиспитување, од другата странка може да се побара да достави забелешки во определен временски рок. Потоа Судот ги разгледува поднесоците на странките и ја донесува својата одлука по барањето за преиспитување врз основа на сите ажурирани и релевантни фактички и правни информации.

Во случај на промена на околностите, жалителите може да поднесат ново барање за примена на времени мерки кога првичното барање не било прифатено.

Мерка според Правило 39 може да биде укината во секое време со одлука на Судот. Особено, бидејќи наредбата според Правило 39 е поврзана со постапката пред Судот, мерката ќе биде укината ако не се продолжи постапувањето по жалбата.

Кога е оправдано, Судот може да одлучи да ја прогласи жалбата за неприфатлива истовремено со одбивањето на барање за примена на времени мерки.

Во согласност со политиката на Судот за приоритетно постапување, жалбите во кои биле изречени времени мерки спаѓаат во категоријата „Итни жалби“ (категорија I). Затоа тие имаат предност пред жалбите во другите категории и по нив се постапува и се одлучува колку што е можно побрзо (видете ја и Политиката на Судот за приоритетно постапување).

III. Практични информации во врска со времените мерки

Барањата за примена на времени мерки се разгледуваат поединечно во писмена постапка и по нив се постапува приоритетно. Во согласност со практиката на Судот, барањата што очигледно се надвор од опсегот на Правило 39, преуранетите барања и нецелосните или непоткрепени барања, по правило, не се доставуваат до судија за одлучување и се отфрлаат. Жалителите или нивните застапници кои поднесуваат барање за примена на времена мерка според Правило 39 од Деловникот на Судот треба да се придржуваат кон барањата наведени подолу2.

2 Од суштинско значење е да се достават целосни податоци за контакт.

A. Барани информации и документи

Кога е можно, барањата треба да бидат изготвени на еден од официјалните јазици на Договорните страни и да се поднесат преку ECHR Rule 39 Site, по факс или по пошта. Судот нема да постапува по барања испратени по електронска пошта.

Тие треба да ги содржат следните информации:

• Име/имиња на жалителот

• Презиме/презимиња на жалителот

• Моментална адреса на жалителот или место каде што е лишен од слобода

• Дата на раѓање

• Државјанство/државјанства

• Доколку има повеќе жалители, „Име/имиња“, „Презиме/презимиња“, „Моментална адреса“, „Дата на раѓање“ и „Државјанство/државјанства“ за секој жалител

• Име/имиња, презиме/презимиња, адреса и својство на застапникот, доколку има таков

• Држава/држави против која/кои се поднесува барањето

Информациите и документите наведени подолу исто така треба да се достават заедно со барањето.

A. Причини за барањето за примена на времена мерка:

1. Детален опис на моменталната ситуација;

2. Природа на наводниот непосреден ризик од неповратна штета;

3. Копии од сите поврзани документи (скорошни медицински извештаи, фотографии, документи што ја покажуваат ранливоста на жалителот, статии од печатот или извештаи во врска со состојбата на жалителот итн.);

4. Во случаи на присилно враќање/протерување/екстрадиција:

a. Детални причини за напуштање на земјата на потекло/земјата на одредиште;

b. Причини за стравување од враќање во земјата на потекло/земјата на одредиште;

c. Информации во врска со датата и околностите на пристигнувањето во Договорната страна;

d. Земја на одредиште;

e. Дата на очекуваното присилно враќање/протерување/екстрадиција;

f. Копии од сите поврзани документи (налози за претрес, налози за апсење, кривични пресуди, статии од печатот или извештаи во врска со жалителот, извештаи за земјата итн.).

B. Информации во врска со домашните постапки во Договорната страна:

1. Информации во врска со домашните постапки, вклучувајќи ги датата и содржината на судските одлуки и жалби;

2. Сите други релевантни информации во врска со постапките пред домашните органи;

3. Копии од сите поврзани документи (копии од одлуки на домашните органи, судски одлуки, поднесоци доставени до домашните органи и судови итн.);

4. Во случаи на присилно враќање/протерување/екстрадиција:

a. Информации за постапката за азил, доколку има таква;

b. Информации за постапката за присилно враќање;

c. Копии од сите поврзани документи.

C. Членови на Конвенцијата на кои се повикува жалителот.

D. Уредно пополнет образец за овластување доколку барањето го поднесува застапник. Образецот може да се испрати кратко по поднесувањето на барањето. За барања за примена на времени мерки потребна е согласност од жалителот.

E. Референтен број од Судот доколку веќе имате таков во врска со ова барање.

F. Сите други информации и документи што ги сметате за потребни.

Недоставувањето на горенаведените информации и документи може да доведе до оцена дека барањето за примена на времени мерки е непоткрепено или нецелосно.

Не е доволно само упатување на аргументи наведени во други документи или во домашната постапка. Информациите и документите наведени погоре мора да бидат приложени кон секое барање.

Судот не е должен да ги контактира жалителите чие барање за примена на времени мерки е нецелосно.

B. Навремено поднесување на барањата

Барањата за примена на времени мерки по правило треба да се испратат колку што е можно поскоро по донесувањето на конечната одлука на домашно ниво, за да им се овозможи на Судот и на неговиот Секретаријат да имаат доволно време да го разгледаат прашањето. Во предметите што се однесуваат на протерување или екстрадиција, Судот може да не биде во можност да постапи по барања примени помалку од еден работен ден пред закажаното време на присилното враќање3.

Кога конечната одлука на домашно ниво непосредно претстои и постои ризик од нејзино непосредно извршување, особено во предмети што се однесуваат на протерување или екстрадиција, жалителите и нивните застапници треба да го поднесат барањето за примена на времени мерки без да ја чекаат таа одлука, јасно наведувајќи ја датата на која таа ќе биде донесена и дека барањето е условено со тоа конечната одлука на домашно ниво да биде негативна.

3 Листата на државни празници и други неработни денови кога Секретаријатот на Судот е затворен може да се види на интернет-страницата на Судот: www.echr.coe.int/contact.

C. Домашни правни средства со суспензивен ефект

Судот не разгледува жалби против одлуки на домашните судови, а жалителите во предмети што се однесуваат на протерување или екстрадиција треба да ги искористат домашните правни средства со кои може да се одложи присилното враќање пред да му се обратат на Судот со барање за примена на времени мерки. Кога жалителот сè уште може да искористи домашни правни средства со суспензивен ефект, Судот нема да го примени Правило 39 за да го спречи присилното враќање.

D. Присилно враќање на лице во Договорна страна

Кога лице чие барање за времена мерка било одбиено е присилно вратено во друга Договорна страна, тоа лице може, доколку е потребно, да поднесе ново барање против таа држава според Правило 39 од Деловникот на Судот или жалба според член 34 од Конвенцијата.

E. Следење на постапката по поднесените барања

Откако ќе биде поднесено барање за примена на времени мерки, жалителот или неговиот застапник е должен да го следи понатамошниот тек на барањето и да одговара на преписката од Секретаријатот на Судот.

Жалителот треба да биде ревносен во преписката со Секретаријатот на Судот. Од суштинско значење е Судот веднаш да биде информиран за секоја промена во административниот статус на жалителот или во други околности (на пример, ако на жалителот му биде издадена дозвола за престој, ако се врати во земјата на потекло или на друг начин ја промени адресата, ако се промени датата или времето на присилното враќање, или ако е донесена нова судска одлука или настане друг развој поврзан со барањето на жалителот).

Кога е применета времена мерка, жалителот или неговиот застапник мора редовно и навремено да го информира Судот за состојбата на сите тековни домашни постапки. Доколку не го стори тоа, предметот може да биде избришан од листата на предмети на Судот.

Кога барањето за примена на времена мерка е одбиено, жалителот или неговиот застапник треба да го информира Судот дали сака да ја продолжи постапката по жалбата. Застапникот на жалителот мора, исто така, навремено и на сопствена иницијатива, да го информира Судот за секое можно губење контакт со жалителот.

Кога барањето било поднесено преку ECHR Rule 39 Site, а потоа било затворено на таа страница откако одлуката му била доставена на жалителот или на неговиот застапник, секоја понатамошна преписка до Судот треба да се испрати по факс или по пошта. Преписката упатена директно до судија, претседател на Оддел, Претседателот на Судот или вработен во Секретаријатот по електронска пошта нема да биде земена предвид.